Започна реконструкцијата на ул. „Коле Неделковски“, која беше уништена по водоводен дефект

Започна реконструкцијата на улицата „Коле Неделковски“ во штипската населба Леваци, на која проблемите на виделина ги извади водоводен дефект минатата година. Градоначалникот Јорданов при увидот на градежните работи потсети на несовесно работење на тогашниот градоначалник, а сегашен Министер за транспорт и врски, кој во својот мандат во изјава истакнал дека водоводната мрежа е променета, а истото не било сторено.

„Се случи дефект на водоводната линија којшто целосно ја оштети реконструраната улица и ја покажа несовесноста и незаконитоста во работењето и изведбата на оваа улица, односно пари се издвоени за промена на водоводна мрежа, а водоводната линија е стара, дотраена и непроменета. Сега се наоѓаме со еден дополнителен проблем како нова локална власт, затоа што ЈКП најпрво ќе направи реконструкција на водоводната линија којашто претходно некој кажал дека ја реконструирал, а не ја реконструирал, а потоа оваа улица ќе треба да биде изасфалтирана“, изјави Јорданов.

Јорданов додаде дека да има одговорност не очекува, бидејќи поранешниот градоначалник е актуелен министер во власта. Вели дека улицава е единствена којашто ја направил во својот мандат, а и таа сведочи за незаконско работење.

„За ова одговорност, претпоставувам, нема да се бара, затоа што тој е претставник на власта, министер актуелен. Претпоставувам дека надлежните и овојпат ќе молчат, иако парите на граѓаните за само неколку години се фрлаат во ветер. Затоа порачувам – сите овие активности коишто ги преземаме, транспарентно ги пренесуваме за јавноста да суди“, додава Јорданов.

Според информации на Јорданов, тогаш за истава улица биле потрошени над 4 милиони денари. Сега реконструкцијата, за Општината и Јавното претпријатие „Исар“, ќе значи инвестиција вредна повеќе од 3 милиони денари, нешто повеќе од 2 милиони за водоводната мрежа и 1 милион денари за асфалтирање на улицата.

Ребека Спасова М-Нет