Влашката заедница го одбележува 23 мај – Меѓународен ден на Власите

Власите во земјава денеска го одбележуваат својот Меѓународен ден – 23 мај. Согласно со Законот за празниците од 2007 година прогласен е за државен празник и неработен за припадниците на влашката заедница. Власите кои во некои градови ги има и над 20% се и ден денес активни во зачувување на својата култура и традиција.

„Во овој дел на Македонија, Велес, Штип, Радовиш, Куманово, Свети Николе, Пробиштип, Кочани е најзачуван стариот латински јазик, стариот влашки јазик. Од овде дури триесетина години имаме една активност како пејачка група. Имавме повеќе активности во Романија, Грција, Бугарија. За триесет години наназад ги имаме препеано сите стари песни кои се зачувани овде, во овие држави ги пеат сите каде што има Власи. Тоа е како една историја на Власите, бидејќи оние коишто се занимавале претежно со сточарство, отпевале сѐ во песна, било радосно, било тага, сѐ отпевале“, вели Димче Василев.

Власите во земјава со Уставот се признати како заедница. Имаат право на граѓанско и политичко организирање, емисии на влашки јазик, изборно изучување на предметот Јазик и култура на Власите во училиштата, издаваат книги, списанија и организираат културни манифестации.

„Во институциите нема официјално влашки јазик, иако во Штип, Крушево и Битола има 20% Власи, можат двојазично да зборуваат. Може и во училиште да учат, но официјално не е толку застапен. Во приватниот живот, пак, многу се користи. Во Штип имало и радио, меѓутоа тоа било друго време. Сега имаме половина час радио во Скопје и толку“, додава Василев.

Влашкиот народ како посебен народ бил признат на 23 мај 1905 година со посебен документ на султанот Абдул Хамид Втори. Денес се слави како Национален ден на Власите од сите Власи во Балканот и пошироко. Со последниот Попис од 2021 година во земјава се вкупно 8.714, од кои 4.483 се мажи, а 4.231 се жени.

Ребека Спасова М-Нет