Кочанските југоносталгичари и годинава ќе ја носат штафетата на младоста

Штафетата на младоста и годинава ќе помине низ Кочани и кочанско. Кочанските југоносталгичари од Здружението „Јосип Броз Тито“ на 25 мај ќе продефилираат низ Кочани со рачно изработената штафета во поворка со симболот на југословенската петокрака. Според претседателот на Здружението, Трајчо Трендов, за нив ова е децениска традиција и еден од најсветлите денови во историјата, кога се слави младоста и времето кога подобро се живеело.

„Штафетата на Тито ја носиме од тука, поаѓаме од Центарот, ја носиме низ градот, а некогаш и низ неколку села. Потоа примопредавањето на штафетата е во Трговскиот центар, а од таму со автомобилите се качуваме кај манастирот „Св. Илија“ кај Дабот, каде што имаме еден скромен ручек“, истакна Трендов.

Поворката со југословенски капи и маици, химната на Југославија, партизанското оро и песни посветени на Југославија низ Кочани поминува секоја година, а на настанот присуствуваат и гости од некогашните југословенски републики. Освен 25 мај – Денот на младоста во некогашна Југославија, Здружението од Кочани ги одбележува и другите значајни денови за оддавање почит на нивниот патрон.

„Ние одими секоја година на гробот на Тито, на денот на неговата смрт, на 4 мај. Од Македонија само ние одиме, нема од други градови. Нема од Штип, Прилеп, Куманово, Скопје… Има само од Кочани, само нашиот автобус од Кочани беше и оваа година, бевме 450 луѓе. Таму бевме на гробот на Јосип Броз Тито и Јованка Броз, положивме цвеќе и оддадовме почит на тие коишто ни ја дадоа денешната слобода“, додава Трендов.

Здружението „Јосип Броз Тито“ од Кочани е формирано пред дваесетина години и брои околу стотина членови. Едно од ретките е кои редовно ги одбележуваат настаните и датумите поврзани со историјата на Југославија, а досега има организирано и повеќе хуманитарни активности за крводарителство и собирање помош за социјално загрозени граѓани. Сепак, најпознати се токму по одбележувањето на Денот на младоста, еден од најголемите празници кој се празнувал до 1988 година. За носењето на Титовата штафета секогаш се избирале примерни младенци, а сѐ до смртта на Тито му се предавала лично нему на Стадионот ЈНА во Белград.

Ребека Спасова М-Нет