По две години пауза, Градскиот дувачки оркестар повторно ќе продефилира низ Штип

По пандемиската пауза низ штипските улици празнично ќе продефилира Градскиот дувачки оркестар. Дефилето ќе започне напладне, од Плоштадот „Слобода“ во Штип, па се’ до Центарот за култура. Триесетина членови од Оркестарот ќе се претстават со однапред подготвена програма, со која ќе го одбележат утрешниот празник, Денот на сесловенските просветители Кирил и Методиј.

„Утре, на 24 мај, ќе се претставиме со програма којашто е сочинета од маршеви и чекорници. Ќе се движиме од тука, од Градскиот плоштад, до платото на НУЦК „Ацо Шопов“ – Штип. Инаку, оркестарот е под диригентската палка на Тоше Митров, така што добро сме подготвени за овој празник и за ова празнично дефиле коешто ќе го претставиме“, истакна Филип Стевановски.

Настанот е дел од неделната и годишната програма на Центарот за култура „Ацо Шопов“, од каде директорот Горан Трајков вели дека е особено задоволство што повторно се активираат ваквите активности. Тој најави уште неколку настани со кои Оркестарот ќе ја збогати музичката програма во градот.

„Чест ни е да го одбележиме 24 мај – Денот на сесловенските просветители со Градскиот оркестар – Штип, којшто оваа година е инкорпориран во годишната програма за работа на Центарот за култура. Ни претставува огромно задоволство, затоа што Градскиот оркестар нема да застане овде. Тие ќе подготват уште две изненадувања за граѓаните на град Штип. Тоа значи дека ќе имаат концерт во средината на јуни и предновогодишен концерт којшто ќе биде како завршна програма од работата на Градскиот оркестар – Штип“, истакна директорот Трајков.

Членовите ги поканија сите граѓани на градот под Исарот да присуствуваат на настанот, на кој присуството е бесплатно за заинтересираните.

„Јас како член на Градскиот дувачки оркестар нема да должам многу. Би сакал само да ги поканам сите штипјани да дојдат на Плоштадот во Штип, утре, во 12 часот, да уживаат во звуците на Оркестарот“, порача Никола Темелков.

Градскиот дувачки оркестар се возобнови во 2018 година по речиси децениска пауза. Тогаш изведе дефиле во чест на 8 ноември, Денот на ослободувањето на градот, кое започна од Гимназијата, а заврши на Градскиот плоштад. Тогаш Оркестарот ги раздрма штипјани, но следеше пандемиска пауза.

Ребека Спасова М-Нет