
Во сабота, на 16 мај, Виница за првпат ќе биде дел од „Маршот на ангелите“, настан посветен на 63-те згаснати животи во трагедијата што ја потресе јавноста и остави длабоки рани кај стотици семејства и преживеани.
Организаторите упатија јавен повик до граѓаните да се приклучат на 43-от „Марш на ангелите“, кој ќе започне од плоштадот „Ангел Винички“. Собирот е закажан за 16:45 часот, а маршот ќе започне во 17:05 часот.
Во повикот се нагласува дека маршот не е само чин на сеќавање, туку и гласна порака за вистина и правда.
„Зад бројката 63 стојат 63 прекинати животи, неостварени соништа и семејства што засекогаш останаа без дел од себе“, порачуваат организаторите, потсетувајќи дека повеќе од 500 повредени и преживеани и денес живеат со последиците и траумите од трагичниот настан.
Учесниците ќе маршираат и против, како што велат, „симболичната одговорност“ и недоволната правда за трагедијата, испраќајќи порака дека вакви трагедии никогаш не смеат да се повторат.
Маршот ќе се одржи под мотото: „За да не се повтори никогаш – за вистинска правда“.