
Спортската манифестација „Пролетни денови на училишниот спорт“ годинава го има своето трето издание, а истата оваа година е збогатена со низа нови спортски активности.
Велосипедизмот е нова спортска активност која е воведена за овогодишеното издание на оваа спортска манифестација која ја организира Сојузот на училишен спорт на Штип во соработка со општина Штип.
Веќе утре, учениците ќе возат велосипеди заедно со професорите на патеката покрај река Брегалница, но овој спортски настан нема да има натпреварувачки карактер, туку истиот ќе биде од рекреативен карактер.
„Велосипедизмот е планирано да биде на пешачката патека, да бидат опфатени сите школи, по неколку велосипедисти, ќе има забавен дел со музика, ќе има некои игри на почетокот односно на овој дел од пешачката патеката. Ќе се извози една рута, таа нема да биде од натпреварувачки карактер, туку едноставно децата да рекреираат“, вели претседателот на Сојузот на училишен спорт на Штип, Зоран Арсов.
Настанот е предвиден да започе околу десет часот наутро. Инаку, оваа година покрај стандардните спортови како футсал, одбојката и баскет, се воведе и пинг-понгот, велосипедизмот, шахот и планирањето како спортски активност за збогатување на овој спортски настан, кој е единствен од ваков карактер во Македонија, покрај низата други спортски настани и активности кои ги има Сојузот на училишен спорт на Штип.
Александар Ванев, М-Нет