„Василие и Дедо Мраз“ – приказна од дете за деца, по доживувања на осумгодишниот Војдан

Од вистинска случка, во приказна – доживувања на дете наменети за деца. Вака содржински може да се опише „Василие и Дедо Мраз“ – сликовница и боенка напишана од осумгодишниот Војдан Михајловски, доработена од неговата мајка, Милена Ристова – Михајловска и илустративно збогатена од ликовниот уметник Анастасија Петрова. Војдан вели, најинтересно е кога во училиште ја читаат токму неговата приказна, а ни открива и дека Василие вистински постои.

„Мене најинтересно ми беше кога книгата ја однесов на училиште и наставничката Надица Петрова го започна часот со неа. Со Василие се запознавме на едно планинско место“, вели Војдан.

Наместо приказна во слики – задача од градинка, Војдан и неговата мајка случајно напишале расказ за малиот Василие, за сега истиот со доработка и разработка да се преточи во книга. И Ристова – Михајловска и Петрова се согласни дека е задоволство да се работи на книга за најмалите. Како што вели Петрова, илустрациите само ја следат детската имагинација која креира интересна приказна.

„Кога Војдан беше во градинка на еден родителско – детски предизвик – да создадеме приказна со сликички, ние, условно речено, по грешка направивме текст. Така што Војдан раскажуваше, јас запишував, Војдан прашуваше, јас одговарав и така тој текст стоеше на хартија долги години сѐ додека не остваривме подлабока соработка со илустраторката Анастасија Петрова, којашто буквално го оживеа текстот. Кога веќе илустрациите беа готови, одлучивме оваа книга, оваа публикација да си добие една интересна форма. Во првиот дел содржи сликовница за деца, во средината – писмо за Дедо Мраз, а потоа со истите илустрации има и боенка“, вели Ристова – Михајловска.

„Илустрациите на сликовницата се инспирирани од самата приказна. Тие се изработени со едноставен колорит и се надополнуваат со детскиот шаренолик свет“, додава Петрова.

Според наставничките на Војдан, секоја нова книга која е и надвор од училишниот материјал е добредојдена за децата, бидејќи кај нив ја поттикнува љубовта кон читањето и уметноста, а ја буди и креативноста.

Рецензент е проф. д-р Весна Мојсова – Чепишевска која за приказната вели дека е исклучително топла и искрена, а заедно со илустрациите става акцент на чувствителното и карактерно растење и созревање на детето.

Во рамки на промоција беше поставена и новогодишната изложба на Школата за уметност „Нова визија“ при АКАДЕМИЈА ЕУРОАРТ, а најмалите и во текот на промоцијата цртаа инспирирани од доживувањата на малиот Василие.

Ребека Спасова М-Нет