Приведени четири лица, расчистени кражбите од Уметничката галерија „Безистен“ Штип

Двајца штипјани и двајца струмичани четирипати краделе во Уметничката галерија „Безистен“. Практиката да се краде културно уметничко наследство уште оддамна е актуелна, а директорот на НУ Завод и Музеј Штип, при една прилика истакна дека и на лице место имаат фатено еден од крадците. Иако истакна дека ќе преземат активности за да ја заштитат Уметничката галерија, сепак апелираше на вклученост и од страна на СВР Штип.

„Едно лице беше фатено во вечерните часови и по кажувањето на надлежните институции, „оперирал“ на кровната конструкција. Тоа е голема храброст во центарот на градот да се краде од државна институција. Ние ќе го осветлиме местото и ќе обезбедиме чувар, но треба и почести контроли од полицијата, бидејќи тоа е сепак централно градско подрачје“, вели Штерјов.

По преземените мерки и активности од страна на полициски службеници на СВР Штип се фатени и приведени четири лица кај кои биле пронајдени предметите од „Безистен(от)“ и вратени во установата.

„Лишени се од слобода А.А.(32) и Ќ.А.(37), двајцата од Струмица и Д.А.(28) и С.Н.(26), двајцата од Штип, поради постоење основи на сомнение дека се извршители на четири кривични дела „тешка кражба“ од Уметничката галерија „Безистен“ во Штип. Тие се сомничат дека со намера да се стекнат со противправна имотна корист, кривичните дела ги извршиле во месец јануари 2022 од Уметничката галерија – Споменик на културата „Безистен“ на ул. „Тошо Арсов“ во Штип, од каде со употреба на сила противправно одзеле поголем број на предмети од Уметничката галерија. Дел од одземените предмети се пронаједни, одземени и вратени на Националната установа Завод и музеј Штип.“ – стои во соопштението од СВР Штип.

Како што додаваат од таму, по комплетирање на службената документација против нив до ОЈО ќе биде поднесена соодветна кривична пријава.

Ребека Спасова М-Нет