
Дербито на 14. коло од Трета лига – Исток се одигра во Свети Николе каде домашниот Овче Поле загуби со 1:3 од Слога Виница. За екипата на Крсте Крстев ова беше важна победа во обид да го стигнат лидерот Вардарски.
Сите четири погодоци во Свети Николе беа постигнати во вториот ел. Амедов погоди за 0:1, а Воинов во 73. минута дуплираше на 0:2. Во 80. минута Трендафилов намали на 1:2 и ја врати неговата екипа во борба барем за бод, но една минута подоцна Ристовски погоди за конечни 1:3.
Лидерот Вардарски од коло во коло е се поблиску до толку посакуваниот бараж за Втора лига, откако денес на домашен терен со 4:2 славеше над Ударник во локалното дерби. Баламов со два гола обезбеди предност од 2:0 за неговиот тим, а во 40. минута Коколански погоди за 3:0 на полувреме. Во вториот дел Митровски постигна гол за 3:1, а пак Бејков беше стрелец за висока предност од 4:1. Во 79. минута Спасиќ ги постави конечните 4:2.
Дербито од дното за опстанок го одиграа Карбинци и Малеш каде гостинскиот тим од Берово ја забележа првата пролетна победа, која воедно е и доста важна за опстанок во Трета лига – Исток.
Илија Шонтевски во 11. минута погоди за 0:1, а само две минути подоцна Бојан Петровски ја стресе мрежата на Филип Гигов за рана предност од 0:2 за Малеш.
Во 30. минута од мечот Сердар Адемов од пенал постигна гол и намали на 1:2, а до крајот Карбинци се обидуваше да дојде до гол вреден бод, а Малеш успешно се сочува и во Берово носи три бода.
Во однос на табелата Вардарски е лидер со 30 бодови, Слога Виница е втора со 23 бодови, на третото место е Овче Поле исто така со 23 бодови. Дојранско Езеро е на 4. место со 21 бод, Тиверија која беше слободна во ова коло е петта со 19 бодови. Малеш сега се проби до шестото место со 11 бодови, Рудар е седми со десет бодови, Ударник е на претпоследното место со девет бодови, а на последното место односно во зоната за испаѓање во Општинската лига е Карбинци со осум бодови.
Александар Ванев, М-Нет