
Со потерница се очекува Ива Михаилова и нејзиниот татко да бидат вратени во земјава и изведени пред македонските судови, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски, кој посочи дека државата има алатки и механизми за дејствување на меѓународната сцена. Мицкоски нагласи дека бегалците кога-тогаш ќе бидат изведени пред лицето на правдата.
,,Со одговорот на бугарските власти, напрво падна во вода координираните напади коишто доаѓаа од таму и од нашата опозиција дека нешто било договорено. Имавме ние барање, потерница и очекуваме едниот којшто е правосилно осуден, тоа е родителот на Ива да биде вратен, а Ива да дојде и да ја докажува својата невиност пред судовите во Македонија.. Ние имаме свои алатки и свои механизми како да се бориме на меѓународна сцена, но повторно ќе го кажам она што го кажав и вчера дека овој неуспешен обид нанесе голема дипломатска штета на владата во официјална Софија, но тоа е нивен проблем, наш проблем е бегалецот од правдата и бегалката да ги изведеме пред лицето на правдата и јас вчера кажав, ќе го повторам тоа дека кога-тогаш тоа ќе се случи“, повтори Мицкоски
Инаку, Ива Михаилова минатата година во октомври предизвика сообраќајна несреќа во која едно лице загина, а неколкумина беа повредени. Во текот на судскиот процес, кој се води пред Основниот суд во Кочани, таа пред бугарската јавност се жалеше на дискриминација поради нејзиното двојно, македонско и бугарско државјанство. Тврдела дека не ѝ било дозволено да се лекува во соседна Бугарија, каде што се наоѓа нејзиниот татко Симеон Михаилов, кој побегнал во Бугарија по пресудата со која е осуден на 12,5 години затвор за случајот „Детонатор“. Во моментов, македонските власти имаат распишано меѓународни потерници и по Ива и по Симеон Михаилов.
Ева Тушевска, М-Нет