
Вандализам го пустоши училишниот двор на Гимназијата Славчо Стојменски во Штип. Искршени клупи, превртени канти, оштетено игралиште, вака изгледа дворот на познатата гимназија во градот по речиси секој поминат викенд. Во последните неколку недели, дворот на Гимназијата станува мета на организирани ноќни собирања кои завршуваат со рушење, уништување и оставени траги од неконтролирано однесување. Од училиштето велат дека и покрај бројните реакции до надлежните институции, штетите се сè поголеми, а одговорност – се уште нема.
,,Ги известуваме сите граѓани дека во последниот период се забележани чести случаи на рушење, уништување и неконтролирано однесување во дворот на Гимназијата, особено во доцните ноќни часови. Оштетени се клупи, канти за отпадоци, игралиштето и друг инвентар, кој е поставен за потребите на учениците и за заедничко користење од страна на целата заедница. Нашата служба веќе неколку пати реагираше до надлежните органи, но сепак овие хулиганства не престануваат, токму напротив секојдневно се повеќе и повеќе се зголемуваат. Укажуваме дека ваквите постапки претставуваат казниво дело, согласно Законот за јавен ред и мир. Училишниот двор е јавен простор, достапен до сите ученици, да го сочуваме и заштитиме.
И понатаму од училиштето упатија апел до сите посетители, особено младите, да се однесуваат одговорно и совесно, да ја почитуваат јавната и училишната сопственост и да придонесуваат за зачувување на училишниот двор како безбеден и пријатен простор за сите.
Иван Митев, М-Нет