
Македонските второлигаши продолжуваат со засилување за пролетната полусезона, дополнително и со одигрување на пријателски натпревари за темпирање на формата.
Екипата на Борец од Велес се засили со Онур Емини, млад играч кој доаѓа од редовите на третолигашот Фортуна, а има настапувано и за младинските категории на Шкендија, како и за Гоблен Јуниор, а имаше својата авантура и за екипата на Косово во Германија.
Кожуф се засили со Васко Глигоров кој во Гевгелија доаѓа од редовите на струмичка Беласица. Се работи за 21-годишен фудбалер кој има настапувано и за Брера Струмица како и за Каменица Саса и треба да биде освежување во редовите на Кожуф кој во пролетниот дел ќе го води Славчо Георгиевски – Тупан.
Детонит Плачковица загуби на пријателски натпревар во Бугарија, каде се тестираше со тимот на Вихрен од Сандански, а мечот заврши со 3:2.
„Oдличен натпревар, меѓународен пријателски меч, кој го одигравме во Сандански, Бугарија, теренот беше одличен за игра, одлични временски прилики, со добро темпо, одигравме одлично, задоволен сум од залагањето на играчите. Сите играчи добија шанса на натпревар. Тимот се оформува, ни следува сега генералката против Силекс во Кратово и полека подготвени влегуваме за пролетниот дел од Втората лига“, рече Здравков за М Нет телевизија.
Денес на стадионот „Билјанини Извори“ екипата на Новаци со 1:2 славеше на пријателски меч против Охрид.
Третолигашот Слога Виница одигра нов пријателски меч во Дојран, каде со 3:1 триумфираше против второлигашот Вардар Неготино. Грнев имаше можност да ја проверува формата на Слога Виница на зимски подготовки во Дојран, а пак Вардар Неготино се подготвува во Неготино, каде тимот на Тодорчев ја проверува формата за пролетните предизвици.
Прволигашите и второлигашите влегуваат во самиот финиш од зимските подготовки, им останува одигрување на еден до два натпревари, најчесто генералки, со оглед на тоа што пролетниот дел од Втората лига започнува на 15. февруари, а Првата лига на 16. февруари.
Александар Ванев, М-Нет