
Второлигашот Борец од Велес го претстави првото зимско засилување, станува збор за голманот Матеј Андонов кој доаѓа од редовите на второлигашот Охрид.
Борец сега под водство на новиот искусен стратег Горан Симов сака стабилност и сигурност на голманската позиција и затоа се одлучи за ангажман на нов чувар на мрежата.
Низ својата кариера новиот голман на велешката фудбалска гордост има настапувано и за екипите на Силекс, Осогово, Кадино, за младинските категории на Работнички и Вардар од каде и потекнува.
Борец есенскиот дел го заврши на претпоследното место со 5 бодови и се наоѓа во зоната за директно испаѓање во Трета лига, а во следниот период се очекува да пристигнат уште засилувања со цел подобра конкуренција во тимот.
Тимот на Симов пролетниот дел ќе го отвори против Башкими на гостинскиот терен каде пред Борец ќе биде тежок предизвик да избори директен и сигурен опстанок, а во таа борба се повеќе екипи.
Пролетната полусезона ќе биде отворена со натпреварите од 16. коло на 15. февруари.
Александар Ванев, М-Нет