Екипите од Првата женска фудбалска лига ги започнуваат подготовките за пролетниот дел!

Екипите од Првата женска фудбалска лига полека една по една ги започнуваат подготовките за пролетниот дел.

Есенскиот шампион Тиверија Брера од Струмица ги започна подготовките за пролетниот дел во кој ќе атакува на освојување на шампионската титула што е главна цел на струмичкиот тим, а со тоа обезбедување и на излез во Европа.

Тиверија Брера е единствениот тим кој во есенскиот дел не претрпе пораз, а тоа дава јасен сигнал дека тимот во пролетниот дел ќе продолжи уште посилно. Во следниот период ќе се очекуваат и засилувањата во тимот за уште поголема конкуренција во играчкиот кадар.

Старт на подготовки за вториот дел означи и Истатов во зимски услови во скопско Пржино. Првата фаза ќе се одработи во Скопје, а потоа тимот ќе замине на подготовки во Дојран. Истатов договори и пријателски натпревари за темпирање на формата. Првиот ќе биде против актуелниот шампионот Љуботен на 1. февруари, на 15. февруари тест со Скопје, на 22. февруари против Речица, а Истатов ќе одигра и пријателски двомеч со Машинац во Ниш, Србија.

Во тимот пристигна Андреа Коловска од Љуботен, а ќе пристигнат уште неколку засилувања, а најголеми засилувања ќе бидат Катерина Петкова и Кристина Петрушевска кои се враќаат од повреди.

Екипата на Речица означи старт на зимските подготовки каде целта на екипата ќе биде директен и сигурен опстанок во Првата лига. Речица е претпоследна на табелата и сака сигурен опстанок, односно да се избегне баражот.

Шкендија од Тетово се откажа од натпреварување пред почеток на сезоната и таа формално е на последното место, што значи директно испаѓање од останатите девет екипи ќе нема, борбата ќе биде да се избегне претпоследното место кое води кон баражот за опстанок, а се игра против второпласираниот второлигаш.

Александар Ванев, М-Нет