Борачите од БК „Олимпија“ на викенд-подготовки во Штип со тим од грчкиот град Волос

Борачите на Боречкиот клуб „Олимпија“ и борачи на „Вардар“ од Скопје викендов се подготвуваат со Академијата „Олимпионикис“ од грчкиот град Волос. Подготовките се пред сѐ за претстојното Европско првенство за У-15.

„Овој викенд сме собрани три клуба, имаме викенд-подготовки кои се први заеднички. Планираме да направиме повеќе подготовки со цел да ги мотивираме и зајакнеме борачите за наредната година, кога нѐ очекуваат повеќе натпревари, меѓу кои и Европското првенство за У-15, па и други меѓународни домашни натпревари“, вели Страшко Глигоров.

Гостите од Грција се задоволни од гостопримството во Штип. Посочија дека упатиле повик во следниот период да се спроведат подготовки и во нивниот град Волос, со што младите ќе се едуцираат во областа на спортот, ќе бидат помотивирани и поподготвени за претстојните натпревари.

„Прво, сакам да се заблагодарам на нашите пријатели во Штип што нѐ поканија нас. Тие се многу пријателски настроени и сакаме да им го вратиме тоа што тие нам ни го пружија овде. Токму затоа ги поканивме во нашиот град, ние сме од Грција, од Волос, град во централниот дел на Грција. Името на нашиот клуб е Олимпионикис, слично како и овој клуб овде. Оваа врска ја воспоставивме пред една година кога тие дојдоа на натпревар во Грција, дојдовме за подготовки овде, ги подготвуваме нашите и нивните борачи и уште еден тим за Европското првенство“, вели Теологос Налбантис од клубот „Олимпионикис“.

Целта на ваквите заеднички подготовки е зацврстување на соработката, а Европското првенство за У-15, за кое се подготвуваат, ќе се одржи од 15 до 19 мај во грчкиот град Лутраки.

Ребека Спасова М-Нет