За сите пожарникари да се исплаќаат блок дотации од Министерството за одбрана, бара Јорданов

Целосно да се исплаќаат блок дотациите за пожарникарите од страна на Министерството за одбрана, бара штипскиот градоначалник, Иван Јорданов. Тврди дека не се почитуваат законските одредби во врска со распределбата на средствата со кои се исплаќаат платите на пожарникарите. Во Штип за да се покријат овие трошоци, Општината секој месец по овој основ издвојува средства во висина од два милиони денари, бидејќи државата исплаќа само 700.000 денари.

„Согласно со Законот за пожарникарство, на секои 1.500 жители мора да има еден пожарникар вработен во ТППЕ и согласно со овој Закон, бројот на пожарникари на територија на општините Штип и Карбинци е стриктно дефиниран и брои 33. За висината на овие 33 обврска на Министерството за одбрана е да ги исплаќаат блок дотациите за исплаќање на плати. На Општина Штип само за десет пожарникари се исплаќаат финансиски средства, за остатокот од 23 пожарникари, Општината го презема како тоа обврска, за разлика, еве, да речеме, од соседната општина Велес, каде има исто 33 вработени, но блок дотациите коишто ги добиваат од Министерството за одбрана и Министерството за финансии се за вкупно 33“, истакна Јорданов.

Неправда во однос на распределбата на ваквите средства има и во останатите општини, вели претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓоргиев. Вели дека на темава се разговарало со Министерот за финансии, но не е оптимист дека власта има капацитет да го реши проблемот. Во меѓувреме, Општината и Синдикатот на пожарникарите потпишаа нов Колективен договор, со кој е договорено дека платата ќе им се зголеми, а редовно ќе се исплаќаат и додатоците на плата, нешто што не беше случај досега, па против Општината се покренуваа тужби.

„Во минатите години неколку стотици илјади евра се исплатени на име на судски и адвокатски трошоци од страна на Општината за да го спречиме овој тренд. Склучивме нов Колективен договор со којшто ги усогласивме законските обврски коишто ние ги имаме во однос на висината на платата којашто ја земат пожарникарите“, посочи Јорданов.

Новиот Колективен договор предвидува и двапати годишно на пожарникарите да им се врши тестирање за физичка подготвеност.

Ребека Спасова М-Нет