Баргала ќе се оградува и осветлува, во штипско Ново Село ќе се поплочи улица во автентичен стил

Потпишан договорот преку Центарот за развој на ИПР за реализација на проектот на локалитетот Баргала. Со истиот се предвидува оградување, електрификација и поставување туристичка сигнализација на локалитетот, за што ќе се потрошат 6,7 милиони денари. За поплочување улица во штипско Ново Село, пак, ќе се одвојат 7,9 милиони денари. Обезбедените средства преку националниот буџет се 12,5 милиони денари.

„На 11 ноември се потпишаа договорите помеѓу Центарот за развој на ИПР и Бирото за регионален развој, како носител на Програмата. Конкретно се потпишани пет договори од оваа програма, со тоа што денес го потпишавме договорот со Општина Карбинци за заедничка реализација за проектот „Подобрување на туристичка сигнализација и инфраструктура во ИПР“, поточно во рамки на овој проект ќе имаме електрификација, оградување и поставување туристичка сигнализација во локалитетот Баргала и поплочување на улица со автентичен стил во населба Ново Село во општина Штип“, истакна Зуица Ангелова, директорка на Центарот за развој на ИПР.

Денес се потпиша и договорот со Општина Зрновци за реализација на проектот на Зрновска река, а дополнително ќе се потпишат и договорите со Виница и Кочани за реализација на уште два други проекта.

„Денес се потпиша и договорот за заедничка реализација со Општина Зрновци. Станува збор за проект за подобрување на состојбата со каналите за наводнување и одводнување и каскади на Зрновска река“, додава Ангелова.

Проектот во Општина Зрновци е во износ од 9,5 милиони денари. За проектот во туристичката населба Пониква има обезбедно 6 милиони денари, со тоа што за истиот проект ќе бидат искористени и заштедите и резервите. Во рамки на проектот е предвидено да се асфалтира улица и да се опреми планинарскиот дом.

Ребека Спасова М-Нет