
Есенската полусезона во Третата македонска фудбалска лига – Исток заврши, а Осогово е есенски шампион по 11 одиграни кола.
Ланскиот второлигаш од Кочани сигурно оди кон бараж за експресен кам-бек во Втората македонска фудбалска лига. „Жетварите“ минатата сезона директно испаднаа од Втора лига – Исток, а нивната цел за тековната сезона е експресно враќање Втора лига, која од сезонава е единствена со 16 екипи.
Есенскиот шампион од Кочани на овие 11 одиграни натпревари забележа девет победи и две ремија, со што е единствениот третолигаш на Истокот кој нема пораз. Со вкупно 29 освоени бодови и гол разлика од 46 постигнати и девет примени погодоци.
На второто место е Тиверија од Струмица, која во последната рунда на домашен терен откина два бода од есенскиот шампион Осогово, откако дербито на колото беше сиромашно со погодоци (0:0) со што бодовите беа поделени. Тиверија има 23 бодови и негатива од шест бодови од Осогово.
На третото место е Овче Поле, со ист број на бодови како и Тиверија, вкупн 23. Актуелниот шампион од Свети Николе во Трета лига – Исток во последното коло загуби од Дојранско Езеро во Дојран (4:2) и тоа го чинеше спуштање едно место на табелата.
Рудар ќе презими на четвртото место на табелата, а на 11 одиграни натпревари „рударите“ собраа 18 бодови, додека пак Малеш од Берово има еден бод помалку и се наоѓа на петото место.
Солидна есенска полусезона имаше екипата на Дојранско Езеро која ќе презими на шестото место со 16 бодови, а пак Спартмани од Градско Балдовци есента ја заврши на седмото место со 14 бодови.
Новајлијата Академија Чешиново-Облешево може да биде задоволна од постигнатото, бидејќи новиот третолигаш на Истокот е осма на табелата со 13 бодови, колку што има и Брегалница од Делчево која е на деветото место и претставува разочарување кога е во прашање есенскиот дел. Брегалница во есенската полусезона не забележа ниту една победа на гостински терен.
Карбинци со 12 бодови есента ја заврши на 10-тото место на табелата, додека пак повратниците во Трета лига – Исток по долги години, Победа од Валандово и Вардарски од Богданци одиграа лоша есенска полусезона со катастрофални резултати. Двете екипи имаат по пет бодови, а на претпоследното место е Победа, додека на дното е Вардарски.
Статистички Осогово го имаше најефективниот напад во Трета лига – Исток со постигнати 46 погодоци, а исто така, Осогово ја имаше и најдобрата одбрана, која на 11 натпревари прими само девет погодоци. Одлична одбрана имаше и Тиверија, која прими само 10 погодоци.
Малеш, исто така може да се пофали со одбрана која има примено 16 погодоци, додека пак останатите екипи имаат сериозна бројка на примени погодоци, а најмногу примени има Вардарски, вкупно 42 погодоци.
Најслаб напад во есенската полусезона има исто така Вардарски, вкупно 8 постигнати погодоци.
Осогово во пролетниот дел ќе влезе со шест бодови предност, сериозна бодовна предност пред конкурентите Тиверија И Осогово, па „жетварите“ не би требало да ја прокоцкат на патот кон баражот кој носи пласман во Втората македонска фудбалска лига.
- ЦЕЛА ТАБЕЛА ОД ТРЕТА ЛИГА – ИСТОК:
