
Ниските температури годинава придонесоа грејната сезона да започне порано од предвиденото. Граѓаните се греат на различен начин, на дрва, на стуја или пeлети. За оние граѓани кои се греат на дрва се јавува и опасност од палење на оџаците доколку не се навремено исчистени. Праксата од претходните години зборува за фактот дека често пати Противпожарната територијална единица Штип интервенирала на пожари предизвикани од палење на оџаците. Командирот на ТППЕ Штип, Тони Атансов со апел до граѓаните доколку до сега не ги исчистиле своите оџаци тоа да го сторат на време, за да се спречи појава на пожари.
„Со започнување на грејната сезона обично почнуваат и проблемите со палење оџаци. Тоа најчесто се случува кај домаќинствата кој што навремено не ги исчистиле своите оџаци. Во ситуација кога имаме затнат оџак со силен ветар доаѓа до самозапалување на оџаците и ланската година имавме доста проблеми. Мојот апел е доколку досега граѓаните не го исчистиле својот оџак тоа да го сторат сега“ – кажа Атанасов.
Истовремено, пожари се предизвикуваат и од несоодветно фрлање на пеплта кога граѓаните ги чистат своите печки. Честопати се случува истата да заврши во контејнер и да предизвика пожар.
Атанасов истакна дека до сега нема случај барем во Штип од запален оџак да се запали цел објект. Гаснењето на пожар од запален оџак зависи од самиот оџак, многу полесно е кај оџаците на индивидуални куќи каде што има само една вертикала, за ралика од станбените објекти каде има повеќе вертикали и секој озак си носи своја карактеристика. Според Атанасов вработените во ТППЕ Штип се доволно обучени за интервенција на ваков вид пожари.
Лаура Стојанова М-Нет