Од Министерството не стравуваат дека оризот ќе згасне, за протести, велат, нема потреба

Потреба за протести нема, ниту страв дека оризот како житна култура ќе згасне, а за сè дополнително ќе се договара помеѓу Министерството и оризопроизводителите. Ваков е ставот на заменик министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски. Имено, тој напомена дека приносот и цената можат да осцилираат од година во година, но во никој случај производството не би згаснало целосно.

„Тоа ќе го каже пазарот. Знаете како, не верувам дека оризовите полиња ќе останат празни, тука со години и години традиционално се произведува кочанскиот ориз. Тој познат и има свој пазар. Секако, годините осцилираат во однос на цената, како што знаеме, претходната година имавме една екстремно висока цена, кога се постигнаа до 33 денари за оризова арпа. Во овој момент цената е преполовена, може да се каже, по одредени сорти на ориз. Она што мора да се работи со земјоделците е дека мора да разговараме за плодоред, мора да разговараме, бидејќи приносите се многу мали. Вие ако имате околу 500 – 600 килограми од декар принос, тоа е многу малку, за разлика од конкурентите, коишто имаат од 900 до еден тоа, зборувам за оризова арпа приноси. Сите овие техники мора да се применат за да се опстане на пазарот. Оризот нема да згасне“, вели Димковски.

Во врска со најавата за протести од страна на оризопроизводителите, како и барањата за покачување на цената на оризовата арпа и белиот ориз, заменик министерот истакна дека проблемот ќе се решава преку дијалог, најверојатно, по локалните избори.

„Она што е разговарано последно, иако од страна на Владата и премиерот беше кажано дека ќе има дополнителни три денари, сепак предложено е тоа да оди по хектар. Конечната одлука не е донесена затоа што мислам дека е оставено да се разговара и да се види како ќе се движи цената на арпата и белиот ориз. Инаку, улогата на Владата во една ваква пазарна економија е онаа посредничка и делот е фокусиран на одржливоста. Кога велам на одржливоста, велам затоа што се внимава продажната цена да не падне под производната. И самите оризари разговараа за протестите, мислам дека се разговара и нема потреба од протести, бидејќи начин за секој проблем може да се најде преку дијалог. Улогата на Министерството е токму оваа посредна“, истакна Димковски.

Тој додаде дека ја следат и состојбата на берзата, а и дијалогот се води во континуитет и со оризопроизводителите и со другите гранки од земјоделството.

Инаку, претходно Владата донесе одлука за покачени субвенции, меѓутоа оризопроизводителите бараат и покачена цена, за оризовата арпа 25 денари по килограм и 50 денари по килограм за белиот ориз, во спротивно имаа најавено масовни протести.

Ребека Спасова МНет