Астибо со пресврт преку Марија Анчева славеше над Спартак на гостински терен

Ракометарките на штипски Астибо во рамки на 6. коло од плеј-аутот преку пресврт го добија Спартак на гостински терен со резултат од 26:30, на крилата на Марија Анчева која постигна 13 погодоци.

Астибо тргна одлично во „Круме Кепевски“ во Скопје со тоа што натпреварот го отвори со серија од три погодици за водство од 0:3. Спартак се разбуди по почетниот притисок од штипјанки и успеа најпрво да го израмни резултатот на 3:3, а потоа да направи и серија од четири погодоци за водство од 8:4. Штипјанки се вратија во игра и не дозволија поголема разлика за домашниот тим, па стигнаа до 10:10. Сепак, во финишот на првиот дел Спартак направи два гола разлика за 13:11.

Во вториот дел Астибо ја „стопи“ предноста од два погодоци на Спартак, откако резултатот го израмни на 16:16 и направи серија од нови два погодоци за 17:19. Двата гола предност Астибо ги имаше до 24:26, кога Спартак намали на гол предност за штипјанки односно на 25:26. Астибо одново направи разлика и на крај истата беше од конечни 26:30.

Марија Анчева беше најдобар стрелец за Астибо воедно и на самиот натпревар со 13 погодоци, а Анита Атанасова постигна осум погодоци, кај Спартак со седум погодоци најдобра беше Јана Ѓошевска.

Астибо со 19 бодови го дели второто место со екипата на Скопје, додека пак лидер е Шампион со 25 бодови, но и натпревар повеќе.