Авторката Марија Дончева во Кочани ја промомовираше четвртата стихозбирка „Враќање кон себе“

„Вино преточено во поезија“ беше насловен настанот со кој кочанската Библиотека „Искра“ вчера даде простор на љубовта, виното и поезијата, а по повод 14 февруари. Свое поетско претставување пред публиката имаше м-р Марија Дончева, која ја промовираше четвртата збирка поезија насловена „Враќање кон себе“. Стихови од книгата интерпретираше Кристина Атанасова-Арсова, промотор беше м-р Љупка Стојменова, а содржината ја збогати и Бојан Тодоровски, презентирајќи свои, но и стихови на неговиот татко, Гане Тодоровски.

„Ме радува пред сѐ што сме во толку голем број на денешната промоција на четвртата книга на нашата почитувана авторка – м-р Марија Дончева. Денеска неслучајно сме собрани по повод промоцијата на ова најново литературно дело – стихозбирката, на овој убав христијански празник Св. Трифун да ги прославиме љубовта, поезијата и виното. Како што говори и самата латинска поговорка „Во виното е вистината“, денеска ви предлагам да слушнеме една сосема друга вистина, односно вистината којашто произлегува од самото срце и душа на нашата почитувана Марија, а којашто, секако, е преточена во уметноста на стиховите“, вели директорката на ЈОУ Библиотека „Искра“ – Кочани, Кристина Горгиева-Атанасова

Првенчето на авторката Дончева го носи името „Душа на дланка“, а другите две нејзини поетски збирки се насловени „Отпуштање“ и „Бакната“. Со првата стихозбирка авторката освои и втора награда на Меѓународен фестивал во Битола. Од четвртата стихозборка „Враќање кон себе“, која беше промовирана вчеравечер, присутните љубители на пишаниот збор можеа да земат примерок за да уживаат во стиховите напишани со голема љубов и посветеност.

Марија Дончева е уметник, кому освен книжевноста, познати му се и ликовната уметност, фотографијата, рачните изработки. Таа е одличен фотограф и изработувач на накит, а има организирано и вакви изложби. Секоја од уметностите ги создава со ист жар и љубов, со голема посветеност ги негува подеднакво.

Ребека Спасова М-Нет