
Тиверија Брера го доби дербито на 18. коло во Првата женска фудбалска лига, откако со високи 3:0 славеше против екипата на Каменица Саса, во меч кој се играше во Струмица.
Тимот на Славе Велков го отвори резултатот во 23. минута преку Теона Галабовска, а во првиот дел имаше понишен гол поради офсајд на Тиверија Брера, откако погоди Нафула.
Во вториот дел Саса се обидуваше да наметна темпо и да постигне гол, но не успеа во тоа, а Галабовска со втор гол зголеми на 2:0 во 78. минута, а четири минути подоцна Кристин Нафула постигна гол за 3:0.
Љуботен без проблеми го декласираше тимот на Ас Јунајтед во Струга, во убедлива победа каде за шампионот во првиот дел погоди Васкез, а во вториот гол стреаа Накова, Охадиве, Величковска и Мустафа, додека пак за домаќинот утешен гол постигна Луканова.
Атлетико забележа домашна победа над Истатов со 2:0, откако искусната Симона Тасева погоди за 1:0 во 34. минута, а десет минути подоцна гостинот остана со играч помалку на терен, откако Канита Емини доби директен црвен картон. Во вториот дел мечот го реши Тамара Нешковска која од пенал постигна гол за 2:0.
Скопје прокнижи лесна и убедлива победа од 4:1 над Топ Гол на домашен терен, во меч каде Кристина Крстева постигна хет-трик за домашинот тим, а еден гол постигна Елена Наумоска, додека пак за тимот од Битола единствен стрелец беше Маргарита Талевска.
Екипата на Љуботен е лидер со 43 бодови, а пак Тиверија Брера е втора со 41 бод и овие две екипи ќе ја водат трката за титулата, откако Саса го изгуби чекорот за титулата, тимот е трет со 34 бодови. Екипите не Ас Јунајтед и Речица ќе водат трка да го избегнат деветтото место кое води кон баражот за опстанок во Прва лига.
Александар Ванев, М-Нет