
Започна првиот уписен рок на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. Денес идните студенти ги доставуваа документите и претходно генерираната пријава од електронското пријавување на отворените центри во Штип, Струмица, Скопје, Кавадарци и Гевгелија.
„Денес е почеток на првиот уписен рок на УГД и тој трае во текот на овие три дена. Моментално се отворени сите наши наставни центри, каде што сите заинтересирани кандидати можат да поминат и да ги остават своите документи“, посочи проректорот, Мишко Џидров.
Во Штип доставувањето на документите течеше во најдобар ред и без многу чекање и задржување, што беше и главната цел.
„Значи, ние од минатата година моравме поради пандемијата да отидеме целосно со онлајн. Се отвори системот и многу порано, од 1 јули. Сите кандидати се пријавуваа многу порано. Сето тоа го правиме, нели, за да се избегнат тие гужви и нашите вработени да бидат заштитени, но, секако, и нашите идни студенти“, додаде проректорот.
Официјалниот рок трае овие два дена, но аплицирањето се врши веќе скоро два месеца. Ваквата денешна фреквенција беше и поради тоа што документите беа доставувани од страна на студентите од самото отворање на електронскиот систем, од 1 јули.
Од Универзитетот потенцираат дека и покрај електронската пријава, документите мора да бидат доставени во посочените наставни центри во оригинали. Истите ќе бидат проверени, а студентите ќе бидат рангирани до 1 септември.
„Спомнувам дека треба да ги остават своите документи, затоа што нашиот систем за пријавување е веќе отворен од 1 јули. Така што, сите заинтересирани можат да направат свој профил, да ги внесат своите податоци и оцени, па понатаму тоа го испраќаат до нас. Сега следува вториот дел, а тоа е да ги достават своите документи, при што ние ќе ги верификуваме и по завршувањето на првиот уписен рок ќе ги рангираме студентите“, рече Џидров.
Сите идни студенти, без разлика на кој факултет сакаат да студираат, можат да ги достават документите во градот од кој доаѓаат.
Во Штип првиот уписен рок и доставувањето се одвива во Книжарницата кај Факултетот за образовни науки од 9 – 13 часот.
Ребека Спасова МНет