Последен ден за пријавување на Конкурсот за Попис 2021, Владата ги вклучи и вработените од институциите

Последен ден за пријавување на продолжениот конкурс за реонски попишувачи и инструктори за претстојниот Попис на населението, домаќинствата и становите. Истиот беше отворен на 20 јули, а потоа продолжен трипати, до 12., 17. и последно до 25 август.

Тестирањето за пријавените до 17 август за Реон 16 – општините Штип и Карбинци веќе се реализираше, а се знаат и резултатите од истото и можат да се видат на огласната табла во Општина Штип, на веб – страната на Општина Штип и веб – страната на Државниот завод за статистика.

Поради тоа што бројот е релативно мал, Владата на вчерашната седница одлучи да се стават на располагање и вработените од институциите.

„Владата денеска донесе одлука со која ги задолжува сите министерства и органите на државната управа да ги разгледаат можностите за потребите на пописот да ги стават на располагање на Државниот завод за статистика времено вработените во овие институции, и истото им го препорача на единиците на локалната самоуправа и на институциите под нивна надлежност.“ – се вели во соопштението од 101 – та седница на Владата.

Пријавувањето трае до полноќ, па утре ќе се знае колку кандидати се пријавени дополнително и дали е пополнет потребниот број на резерва попишувачи и инструктори.

Ребека Спасова МНет