
Новиот прволигаш Башкими е најактивен на трансфер пазарот, а клубот од Куманово претстави две нови засилувања. Се работи за голманот Филип Купанов и Есмин Личина.
Купанов е 22-годишен фудбал кој доаѓа од Брера Струмица, а низ својата кариера беше дел од Тиквеш, Беласица, Детонит Плачковица и Кожуф. Гевгеличанецот ќе го чува голот на прволигашот кој по 17 години се врати во елитата.
Личина е искусне дефанзивец кој носи големо искуство кое го има стекнато во македонскиот и косовскиот фудбал. Во својата кариера настапуваше за Шкупи, Македонија ЃП, Скопје и Вардар, а пак во Косово играше за Малишева.
Македонија ЃП се засили со голманот Ристо Јанков, како и Мухамед Елмас и Дарко Глишиќ.
Голманот Јанков меѓу „лавовите“ доаѓа од тетовска Шкендија, клуб со кој ја освои шампионската титула, а 26-годишниот голман има настапувано во Работнички, Локомотива, Брегалница и Тиквеш, а настапуваше во Каспиј во Казахстан и романска Политехника.
Јанков ќе конкурира меѓу стативите во конкуренција со Андреја Ефремов и младиот голман Давид Стојановиќ.
„Лавовите“ се засили со младиот и перспективен Мухамед Елмас, станува збор за 19-годишникот кој минатата сезона беше дел од Гостивар, а кариерата ја започна во младинската школа на Работнички.
Ново име кај повратникот во елитата е искусниот Глишиќ кој доаѓа од Гостивар, се работи за искусен лев бек, во својата богата кариера настапуваше за Тетекс, Скопје, Вардар и Шкупи, во странство беше дел од Олимпик Сараево, Динамо Тбилиси, Септември Софија, Арда и Доха.
Новата сезона во ПМФЛ започнува на 8 август.
Александар Ванев, М-Нет