Нагло раздвижување на трансфер пазарот кај второлигаши – промоции на нови засилувања во Беласица, Охрид, Скопје, Големо Коњари

Второлигашите стануваат се поактивни на трансфер пазарот со промоција на нови играчи за новата сезона 2025/2026 која ќе започне на 23 август (сабота).

Екипата на Беласица претстави неколку нови играчи, а струмичани имаат амбиции за влез во Првата македонска фудбалска лига. Беласица ги промовираше Марио Наумоски, Анатолиј Петејчук, Марио Костов и Филип Митев.

Наумоски има 24 години во Беласица доаѓа од редовите на Македонија ЃП, има настапувано за Пелистер, Победа, Брегланица, Металург и Тиквеш. Наумоски е играч од средината на теренот и ќе биде големо освежување во тимот предводен од Александар Стојанов.

22-годишниот Петејчук во Беласица доаѓа од Граничар Џурџевац од Хрватска, беше дел од екипи во Германија, а во Македонија настапуваше за Победа и Вардар. Тој е играч кој ги покрива крилните позиции и ќе претставува големо освежување во таборот на струмичани.

Костов има 19 години, тој ги покрива крилните позиции, во Беласица доаѓа од Детонит Плачковица, а има настапувано за Вардар и Брера Струмица.

Митев е 19-годишен фудбалер кој во Беласица доаѓа на позајмица од Брера Струмица, тој е играч од одбрата кој игра на десната бековска позиција.

Второлигашот Скопје се засили со центрафорот Дамјан Масевски, кој доаѓа од редовите на Детонит Плачковица. 24-годишникот одигра шест месеци за радовишкиот тим и постигна осум погодоци, а низ својата кариера беше дел од Пелистер, Охрид, Силекс, Тетекс, Кадино и Работнички од каде ја започна својата кариера.

„Пиратите“ од Автокоманда добиваат одличен фудбалер кој е голем голгетер.

Екипата на Охрид која има амбиции за влез во Првата македонска фудбалска лига се засили со нови тројца играчи. Се работи за Димитриј Димитриевски и Иван Глигоров кои во пакет доаѓаат од Брегалница, како и Леонид Кофиловски кој доаѓа од прилепска Победа. 20-годишниот Кофиловски игра како централен дефанзивец, 23-годишниот Димитриевски е лево крило, а пак 21-годишниот Глигоров игра во офанзивните позиции во средниот ред.

Новиот второлигаш Големо Коњари се засили на голманската позиција со 20-годишниот Антонио Шемкоски, кој доаѓа од второлигашот Кожуф.

Се работи за млад и перспективен голман кој треба да донесе стабилност и сигурност на голот на новиот второлигаш. Шемкоски е всушност повратник во Големо Коњари, што значи доаѓа во позната средина, а низ својата кариера има настапувано и за прилепска Победа.

Александар Ванев, М-Нет