
Започнаа активностите за асфалтирање и уредување на улицата Пиринска во Штип. По претходно променетата водоводна линија, како и уредување на влезовите пред станбените згради, денеска се постави асфалтен слој на крак од оваа улица.
Станува збор за подобрување на инфраструктурата во градот, по барање на жителите, чии потреби се ставени во годишниот план за работа на општината.
„На улица Пиринска продолжуваат активностите за уредување на останатите краци кои во изминатиот период беа изтретирани, во однос на водоводна линија. Станува збор за една површина на која претходно се работеше за станбените влезови. Денес се нанесува асфалт на крак од оваа улица“ – вели Јорданов.
Со неколку милиони денари, пари издвоени од Буџетот на Општина Штип се работи во повеќе населени места, на асфалтирање на улици, уредување на тротоари и слично со цел подобрување пред се на патната инфраструктура.
„Освен оваа активност паралелно се работи и на неколку други позиции во нашиот град. Моментално се работи во населба Кадидаре, во Пребег, Сењак. Верувам дека значително ќе се подобри тековната постоечка инфраструктура и ќе се овозможи посовремен изглед на сите маала во нашиот град“ – додава Јорданов.
Јорданов апелираше до граѓаните, доколку имаат забелешки, потреби или проблеми за решавање слободно да се обратат до општината со цел да може да се излезе на терен и навремено да се реагира, а со тоа и да се подобри изгледот на градот.
Лаура Стојанова-Ќирчов, М-Нет