Министерот за одбрана, Владо Мисајловски, најави десет-процентно зголемување на платите на сите припадници на македонската Армија и вработените во одбраната од јануари следната година. Зголемувањето на платите, рече министерот, е „историски чекор, историско најголемо зголемување во апсолутна вредност.“
„Ако заеднички работиме може да има одлични резултати. Во просек платата би се зголемила од 4.000 до 11.000 денари, што е во апсолутна вредност историски најмногу до сега. Ќе продолжиме со работа, продолжуваме со многу проекти, продолжуваме со социјален дијалог“, истакна министерот.
Мисајловски упати честитки до припадниците на Армијата и вработените во одбраната, за кои, рече, го заслужуваат ова покачување.
Потпретседателот на Независниот синдикат на одбраната, Синиша Станчевски, истакна дека синдикалниот дијалог дава резултати и дека како репрезентативен синдикат горди се на достигнувањата во изминатиот период.
„Со помош на министерот и премиерот успеавме да овозможиме 10-процентно зголемување на примањата од 1-ви јануари. Исто така, успеавме на [професионалните војници] кои наполнуваат 45 години старост да им овозможиме достоинствено да останат во Армијата. Овие реформи не би можеле да бидат без залагањето на министерот и мислам дека со вакво работење ќе успееме да имаме и подобри достигнувања“, рече Станчевски.
Аднан Алити од Независниот синдикат на професионални војници, пак, порача дека станува збор за „историски чин.“ Алити додаде дека покачувањето на платите и реформата која опфаќа можност за продолжување на работниот однос на професионалните војници во рамките на Армијата, се две значајни придобивки, како и дека во моментов се работи на новиот Колективен договор со кој вработените ќе уживаат уште поголеми права.
Министерот Мисајловски и синдикалните претставници најавија дека дијалогот продолжува и дека фокусот на одбраната остануваат вработените како капацитет кој овозможува безбедност и сигурност.
Текстот Мисајловски најави зголемување од 10 отсто на платите во Армијата и одбраната е превземен од МАКФАКС.