
Остануваат уште шест кола до крајот во Втората македонска фудбалска лига, а на овие шест натпревари ќе се води тешка борба за опстанок во второлигашкото друштво.
Трката за опстанок е сведена на четири екипи, бидејќи практично Борец е пред официјално испаѓање во Трета лига – Југ.
Тетекс, Слога Виница, Каменица Саса и Локомотива ќе се борат за директен опстанок, како и за бараж мечот за опстанок.
Една екипа ќе обезбеди директен опстанок, една ќе игра бараж за опстанок, а две екипи ќе ги спакуваат куферите за Трета лига.
Тетекс е во најтешка ситуација кога е во прашање директниот опстанок, а баражот можеби е пореална опција за „штофарите“. Тетовскиот второлигаш е на претпоследното 15-то место со 15 бодови на своето конто и веќе в недела ќе игра директно дерби со Слога во Виница, екипа која е место погоре на табелата односно на 14-тото место со 17 бодови и можност за директен опстанок.
Слога има реални шанси да се бори за директен опстанок ако го добие директниот дуел со Тетекс, бидејќи победата на виничани над Беласица во Струмица ги врати сериозна трка за опстанок, откако претходно откинаа бод од фаворитот Пелистер на домашен терен.
Тетекс во Виница мора да обезбеди три бода, во секој друг случај за „штофарите“ ќе значи речиси невозможна мисија за директен опстанок, и тешка борба за бараж за опстанок.
Каменица Саса на домашен терен ќе игра против Охрид, екипа која има обезбедено опстанок, и игра во лоша форма на последните пет натпревари, па „рударите“ можеби сега треба да го искористат моментот во овој клучен натпревар, бидејќи потоа ги очекуваат тешки натпревари со исклучок на дуелот против „фенерџијата“ Борец.
Ако Саса стигне до посакуваните три бодови против Охрид, тогаш овој второлигаш ќе продолжи да прави притисок за 12-тото место и директен опстанок. Токму на 12-тото место е Локомотива, која грчевито се бори за директен опстанок, а освоениот бод против Охрид по четири последователни порази им даде можност да ја одржуваат разликата од три бодови во однос на Саса која е во бараж зоната.
Уште шест натпревари и многу математики, но и тоа дали Истокот ќе остане без второлигашки фудбал.
Каменица Саса и Слога Виница долги сезони се натпреваруваат во Втората лига – Исток, но откако лани Втора лига – Запад и Втора лига – Исток беа споени во една единствена Втора лига, борбата за опстанок на екипите од Истокот е тешка во големата конкуренција.
Во најлошиот случај и евентуално испаѓање на Саса и Слога од Втора лига, ќе значи дека на Истокот само Детонит Плачковица од Радовиш би бил единствен второлигаш, доколку тука се додаде и Беласица, која е од Струмица, град сместен во југоисточниот дел на Македонија.