
Утре, сабота, Штип ќе биде домаќин на државен натпревар во спортско качување, во организација на качувачки клуб Астибо. Ќе бидат опфатени младински категории односно деца од У-9, У-11 и У-13 категории, како млади и сениори.
„Подготовките одат добро веќе сме при крај со поставување на насоките за натпреварот. Ќе имаме детски категории, младински и сениорска, бидејќи категориите кои ни беа порано У-19 прераснуваат во сениори. Од оваа година ја обновуваме таа категорија со поголем број на натпреварувачи“, вели Јован Иванов од качувачки клуб Астибо.
Ќе настапат повеќе од 40 натпреварувачи, од три градови од Македонија од четири клубови.
„Досега на листингот или на меилот пријавени се некаде околу 43 натпреварувачи, од три градови од Македонија од четири клубови, од Скопје, Прилеп и домашните од Штип“, вели Иванов.
Иванов вели дека се подготвени за настап на утрешниот државен натпревар, но фокусот е ставен и на организацијата.
„Кога сме организатори на натпревар нашиот фокус е поголем околу организацијата, натпреварувачи веќе се поискусни во тој дел дури и децата, па и постарите, така да повеќе внимание обраќаме да биде квалитетен натпреварот во поглед на добри насоки, секако сетоа тоа да биде навремено изработено во најдобар ред“, додава Иванов.
Овој државен натпревар во спортско качување ќе се одржи на вештачката карпа во балон салата во ООУ „Ванчо Прке“ во Штип.
„На вештачката карпа која ја изградивме пред година и пол, ова е втор натпревар кој се одржува овде, претходниот беше лани во март. Овој натпревар е предвесник на Балканското првенство за деца до 14 години, кое ќе се одржи на 14 јуни во Скопје. Државниот натпревар ќе биде како поттик да се мотивираат за две недели да дадат се од себе“, ни изјави Иванов.
Интересот за овој спорт е во констатен раст, а овие спортски натпревари се интереси и за публиката во Штип.
„Лани бевме изненадени од бројот на посетители кои дојдоа да го гледаат натпреварот, помина одлично многу подобро од тоа што го очекувавме затоа што кога организирате нешто првпат на ново место многу работи се во мисла дали ќе бидат како што треба. Оваа година организациски е многу полесно затоа што веќе имаме искуство до лани, мислам дека во делот на публика нема потреба да се грижеме, Штип е спортски град знаат секогаш да испочитуваат таков вид на настан. Во делот на заинтересираност е во константен раст од кога почнавме и раст и пад. Најбитно за нас е што успеавме да задржеме некои категории што порано ги немавме, во случајот штом имаме на ниво на сениори се оди во најдобар ред”, завршува Иванов.
Најмалите категории започнуваат во 11:30 часот, додека пак поголеми категории започнуваат во 14:00 часот. Овој државен натпревар во спортско качување е во дисциплина водство.
Александар Ванев, М-Нет