Утре осми „Марш за ангелите“ во Кочани со почеток во 16:05 часот

Утре сабота, 31 мај, се организира осмиот по ред „Марш за ангелите“ во Кочани. Ќе започне како и секоја сабота во 16:05 часот, како симболика за задоцнета реакција, во паркот на револуцијата. Маршот ќе се движи по веќе утрврден рута, од паркот, кон трговскиот центар, општинската зграда, до полицијата и ќе заврши пред Судот и јавното обвинителство во Кочани.

Организаторите истакнуваат дека маршот истовремено е за поддршка и на повредените во трагедијата поради што ги повикуваат нивните блиски да се придружат на истиот.

Целта е јавноста да знае дека за правдата на нивните деца ќе се борат до крај, стои во писменото известување.

Организаторите ги покануваат сите граѓани кои даваат поддршка на нивните барања да им се придружат.

Марш за ангелите се одржува секоја сабота во Кочани, а семејствата на починатите маршираа и во главниот град. Изинатите саботи поддршка имаа и од иницијативата „Кој е следен“.

Во трагедијата во дискотеката Пулс починаа 62 лица, а околу 200 беа повредени.

Лаура Стојанова Ќирчов, М-Нет