Штип го доби првиот билјард клуб, а успешно беа организирани и два турнири, целта е промоција на овој спорт!

ФОТО: М Нет телевизија

Штип го доби првиот билјард клуб, официјално регистриран и кој е член на Билјард федерација на Македонија.

Идејата е на двајцата штипјани Кире Донев и Љупче Козарев кои долго време играле билјард и решиле да го основат клубот и да започна професионално.

„Ова идеја дојде уште многу одамна значи ние уште кога бевме мали имавме желба да играме и навистина сме големи љубители на овој спорт. Така дојде и идејата еве еден ден да пробаме да направиме нешто што ќе може да се зачленат и други луѓе кои се љубители исто на овој спорт и да продолжи да биде се повеќе и повеќе застапен во нашиот град Штип“, вели Донев за М Нет телевизија.

Клубот кој е основа во септември минатата година брои 10 членови, а целта е промоција на овој спорт во Штип.

„Моментално имаме десет членови во нашиот клуб, целите ни се како што кажав да го промовираме овој спорт во нашиот град, одиме на државно првенство каде што веќе бевме во 2024 година, каде имавме одлично искуство, влеговме во осминафинале, иако ни беше прв турнир. Имавме голема трема, тоа е нормално, но сепак бевме многу задоволни од резултатот. Младите, па и постарите коишто се навистина љубители на овој спорт да се придружат и да го застапуваме нашиот град“, додава Донев.

Клубот иако е релативно нов успешно организираше и свој турнир, кој имаше две изданија, а кој во иднина треба да прерасне во традиција, а членовите на билјард клубот Штип учествуваат на државни турнири.

„Ние за првпат кога го основавме овој клуб со таа голема желба што ја имавме, се трудевме да направиме и еден турнир со цел да ја видиме бројката на луѓето кои се заинтересирани да настапуваат од нашиот град. И така организиравме ние тука прв турнир, а потоа уште еден и полека полека бројката на членови и на играчи во нашиот град се зголеми. Исто така ние се натпреваруваме во граници на државата. Оваа година ќе бидеме постални ќе настапуваме на сите турнири односно седум мастерси и еден Куп на Македонија и очекуваме добар успех, па и некоја голема награда“, вели за М Нет телевизија, Љупче Козарев.

Секој кој има желба за овој спорт може да се зачлени и да започне со спортување.

„Секој кој што има голема љубов кон спортот и сака да науче нешто повеќе, па макар и ние да научиме од него, може да дојде да дојде да се зачлени“, вели Козарев.

Овој спорт не познава граници, моментално најмладиот член има околу 20-тина години, а пак највозрасниот член е повеќе од 70 години. Членовите на билјард клубот Штип активно земаат учество на држаните турнири.

Александар Ванев, М-Нет