
Третолигашот ФК Илинден сериозно ги најавува своите амбиции за новата сезона, откако го претстави првото летно засилување – искусниот фудбалер Дарио Десниќ, кој во клубот пристигнува од екипата на Шкендија Арачиново.
Десниќ зад себе има богато прволигашко и второлигашко искуство, а дополнителна вредност за клубот е што потекнува токму од општина Илинден. Од клубот веруваат дека неговото искуство, квалитет и професионален пристап ќе донесат дополнителна стабилност во тимот, но и ќе бидат од големо значење за развојот на младите фудбалери.
„Му посакуваме многу здравје, успешни настапи и заедно да оствариме многу победи“, порачаа од ФК Илинден при промоцијата на новото засилување.
Само неколку дена претходно, клубот направи уште еден значаен потег, ангажирајќи го Горан Симов за нов шеф на стручниот штаб на сениорскиот тим.
Симов е едно од добро познатите тренерски имиња во македонскиот фудбал. Во својата кариера ги предводеше Силекс, Македонија ЃП, Вардар и Борец, а со Силекс и Македонија ЃП успеа да го освои и Купот на Македонија.
Со доведувањето на трофеен тренер и искусен фудбалер уште на стартот од летниот преоден рок, ФК Илинден јасно покажува дека сака да изгради конкурентен состав и да има значајна улога во претстојната сезона во Третата македонска фудбалска лига.