Силекс го покори Динамо Минск и направи голем чекор кон следната рунда!

Македонскиот претставник ФК Силекс со голема победа ги започна настапите во новата сезона од квалификациите за УЕФА Конференциската лига, совладувајќи го Динамо Минск со 1:0 на првиот натпревар одигран во Стара Загора, Бугарија.
Херој на кратовци беше Есмир Хасукиќ, кој во 42. минута сигурно реализираше удар од белата точка и му донесе драгоцена предност на својот тим пред реваншот. Пеналот беше изнуден по прекршокот врз Борјан Пановски, а Хасукиќ не погреши и ја затресе мрежата за единствениот погодок на натпреварот.
Силекс одигра дисциплинирано и борбено во текот на сите 90 минути, успешно ја сочува минималната предност и покажа дека има квалитет да се носи со фаворизираниот белоруски состав.
Со оваа победа, кратовскиот тим стекна значајна психолошка и резултатска предност пред реваншот, каде ќе се обиде да го потврди пласманот во следното квалификациско коло од УЕФА Конференциската лига.