
Фирмата-изведувач веќе една година калкулира кога да почне да работи на Линија 2 и исто толкав период вели – само што не сме почнале. Вака градоначалникот Јорданов ја образложи нивната несериозноста, поради која ако денес почне да се гради, Штип ќе остане без главниот резервоар и дел од главната водоводна линија, а за таа сума пари ќе добие само празни цевки. Ако почне да се работи во јуни месец следната година, поради инфлацијата и од два километра цевки ќе остане само еден.
„Јас сум скептик, познавајќи ја фирмата-изведувач, којашто е ташна-фирма, нема ни механизација, нема ни инженери, дека ќе успее ако започне во јуни или јули месец, како што сме добиле информација, дека за само два-три месеца ќе направи водоводна мрежа од два километри. Јас сум скептик една година претходно, затоа што ова веќе требаше да биде минато. Во комуникацијата со фирмата-изведувач тие велеа дека само што не почнале, ама од тоа помина веќе една година. Претпоставувам дека догодина во јуни месец ќе имаме нова пресметка на цените и од два километра цевки, ќе остане само еден“, истакна Јорданов.
Изведувачот е одбран од страна на компанијата ТАВ, но и покрај честата комуникација со Општина Штип, сѐ уште чека на вовед во работата, наводно, поради недостаток на услови. За целосна реализација на проектот Општината ќе мора да издвојува дополнителни средства оти вредноста на проектот веќе е двојна.
„Од наша страна им беше укажано дека може да започнат секој момент за работа, но, можеби, сум сега субјективен во ова што ќе го кажам, ама мислам дека причината заради којашто сѐ уште не се влезени со работа е друга, а не дека нема услови за работа. Значи, ќе треба дополнително Општина Штип да издвои еден милион евра за во целост да се реализира проектот. Ние во време на инфлација треба итно да реализираме проекти, затоа што ако работиме етапно, ќе ги платиме двојно. Ама не сите така размислуваат, затоа што немаат ист интерес. Ако требаше да не чини 1,2 милиони евра, сега ќе не чини 2,4 милиони евра“, додава Јорданов.
Јорданов заклучува дека Штип и онака изгубил многу со проектот за карго аеродром. Преку реализација на истиот во Штип требале да се влеат 35.000.000 евра, пари коишто државата ги дала на ТАВ, а покрај тоа биле потрошени и дополнителни средства за експропријација на земјиште.
Ребека Спасова М-Нет