За градинка меѓу населбите Пребег и Железничка, Општината ќе врши експропријација на земјиште

Градинка во Пребег и водоводна Линија 2 ќе има, но Општината прво треба да изврши експропријација на одредени парцели. Советниците денес гласаа за утврдување на висината на надоместокот за кој ќе изврши експропријацијата, а за ваква постапка во следната година се предвидува и за други капитални проекти, вели сектретарот на Општина Штип, Вишна Шорова – Ангелова.

„Се работи за два проекта, а тоа се изградба на водоводна линија – Линија 2 и изградба на детска градинка на потегот меѓу населбите Пребег и Железничка. Овие точки се ставени на дневен ред заради тоа што е потребно Советот на Општина Штип да донесе одлука за утврдување на висината на надоместокот за експропријација на градежните парцели коишто се наведени, а којашто зависи од направените проценки на пазарната вредност на недвижниот имот, коишто ги имате во прилог на овој материјал“, истакна Шорова – Ангелова.

Координаторката на советничката група на СДСМ, Маријана Рогожарска Поповска, праша дали не постои парцела која е во сопственост на Општината или Републиката, ама на ова Шорова – Ангелова рече оти се предвидени 5.000.000 денари во Буџетот за 2023 година, во делот на капитални расходи за експропријација на земјишта.

„Дали не постои некоја поблиска парцела којашто би ги задоволила потребите на жителите од овој дел, а којашто е во сопственост на Општина Штип или на Република Македонија?“, праша Рогожарска Поповска.

Линија 2 е долгонајавуван проект за кој средствата се обезбедени од ТАФ програмата, а е од огромно значење за градот, бидејќи ќе го подобри водоснабдувањето во населбите Пребег, Ново Село, но и во индустриските зони. Градинката помеѓу населбите Пребег и Железничка, пак, е најавуван проект од предизборниот период на сегашниот градоначалник, Иван Јорданов.

Ребека Спасова М-Нет