
Сообраќаен парк ќе добие клонот „Цветови“ при детската градинка „Астибо“ во Штип. Станува збор за нова содржина која за првпат се прави во детска градинка во Штип, со што се овозможува подобра едукација и забава на дечињата згрижени овде. Увид во градежните активности на терен денеска извршија градоначалникот Иван Јорданов, министерот за труд и социјална политика Ѓоко Велковски и директорите на двете детски градинки. Се очекува проектот да биде завршен во најбрз можен рок.
„Се наоѓаме во еден од клоновите при детската градинка „Астибо“. Овде се работи на една нова содржина тоа е сообраќаен парк, кој се надевам дека ќе овозможи дополнително анимирање и социјализација на младите генерации, на дечињата. Се надевам дека во наредните недели ќе биде завршен овој проект“ – вели Јорданов.
900 илјади денари се издвоени од Буџетот на Општина Штип за реализацика на овој проект. Сообраќајниот парк ќе биде со образована, забавна и едукативна цел за дечињата, со што побезбедно ќе учествуваат во сообраќајот.
„Оваа идеја потекнува од стручниот колегиум. На наше барање градоначалникот го прифати предлогот, добивме финансиски средства и почнавме со негова реализација. Ова е прв ваков сообраќаен парк кој ќе се реализира и е повеќе наменски. Има образована, забавна и едукативна цел за децата. Децата ќе можат од најмала возраст да се стекнат со знаење кои ќе и помогнат да учествуваат во побезбедно во сообраќајот.“ – додава Митров.
Овој парк ќе го користат дечињата од детската градинка „Астибо“ Штип, за разни настани, различни проекти повразани со сообраќајот, работа на одредена тема и слично. Во детската градинка „Астибо“ се згрижени 800 дечиња од кои 180 се во клонот „Цветови“.
Лаура Стојанова М-Нет