
Проблемот со недостаток на кадар во штипските градинки денеска беше дискутиран на средбата помеѓу штипскиот градоначалник, Иван Јорданов, и Министерот за труд и социјална политика во техничката Влада, Ѓоко Велковски. Јорданов образложи дека поради дефинираниот сооднос на бројот на воспитувачи и негуватели од една страна и бројот на згрижени дечиња од друга страна, градинките во Штип не можеле да одговорат на барањата на родителите и не згрижуваат дел од дечињата.
„Барањата за согласности не беа одобрени од страна на Министерството, но не само барањата за согласности за пополнување на исполнетите места, туку и можноста за добивање лиценци за воспитувачи и негуватели беше ускратена како право и практично бевме диксриминирани на штета на најмладите генерации, на дечињата. Повеќе од 60 места коишто се испразнети по основ на пензионирање беа побарани од наша страна од МТСП во изминатите две години за да бидат потполнети за да не биде доведен во прашање воспитно-згрижувачкиот процес“, образложи Јорданов.
Министерот Велковски и Министерството имаат решение за овој проблем, но замоли за простор во период од најмалку една недела за да тоа се дефинира и обелодени во јавноста. Велковски посочи дека проблемот со лиценците е што веќе извесно време нема избран економски оператор кој ќе го врши лиценцирањето и од тоа настанува проблемот.
„Комисијата за лиценцирање работи само на оние тековни обнови на лиценците, кај оние кои веќе се стекнале со лиценци и имаат процес на обнова. Меѓутоа, самиот процес на стекнување лиценца оди преку јавен повик преку Бирото со што се избира оператор кој го врши лиценцирањето. Договорот со операторот завршил, меѓутоа од завршувањето на договорот до денеска не е распишан нов повик, така што во тој дел процесот е заглавен. За нашето решение ќе ни оставите ден – два за да можеме да го објавиме решението коешто сметаме дека е најдобро и најбрзо може да го реши проблемот на овие над 900 лица коишто чекаат“, вели Велковски.
Во градинката „Астибо“ во Штип недостигаат 35 негуватели и воспитувачи, а уште 12 вработени со истиот профил недостигаат и во „Вера Циривири-Трена“. Бројката на кадар кој недостасува во градинките е голема во целата држава, вели Велковски, но Министерството сѐ уште нема точни анализи.
Ребека Спасова М-Нет