Се асфалтира улицата помеѓу бул. „ЈНА“ и ул. „Партизанска“ во Штип, ќе има и нов паркинг простор

Завршни активности на пристапната улица која ги поврзува булевар „ЈНА“ и ул. „Партизанска“. По вчерашниот увид, денес истата се асфалтира. За нешто повеќе од две недели откако првпат Јорданов ја увиде овдешната состојба, жителите ќе добијат асфалт. Меѓутоа, и тие и градоначалникот се согласни дека овде има уште да се направи.

„Денес во населбата Осми ноември завршуваме со градежните активности на двете улици коишто ги поврзуваат булеварите „Партизанска“ и „ЈНА“ со поврзување на асфалт. Во текот на вчерашниот ден направивме увид на активностите и припремите, денес ги асфалтираме овие улици, но исто така најавуваме и дека останатиот дел од населбата дополнително ќе се уредува“, истакна Јорданов.

Освен проблемот со атмосферската вода, за кој Јорданов вети поставување решетка и проширување на постоечкиот канал, овде ќе се уреди и околниот простор. Жителите ќе добијат паркинг места на површината од која беа тргнати лимените гаражи, а просторот и хортикултурно ќе се уредува.

„Во наредните денови правиме напори за уредување на просторот каде што беа отстранети лимените гаражи да биде комплетно преуреден со асфалтирање и хортикултурно уредување. Оваа површина е околу 2600 м2 и во вредност од 2 милиона и 800 илјади денари кои ќе бидат финансирани од страна на Општина Штип. Тоа ќе биде паркинг простор за жителите од населбата на место кое и претходно било користено за паркирање, но имало лимени гаражи. Ова е простор којшто треба дополнително да се уреди. Ние имаме обврска да го асфалтираме и хортикултурно да го уредиме“, додаде Јорданов.

Асфалтирањето на улицата која е во должина од 550 метри чини 1.500.000 денари. Јорданов најави дека работата во населбата со истото не завршува, останатите проблеми на граѓаните ќе се решаваат етапно.

Ребека Спасова МНет