Се асфалтира патниот правец Почивало – Кошево, се работи на поврзување на руралните средини

Започнаа активностите за асфалтирање на првата фаза од патниот правец Почивало – Кошево. Станува збор за патен правец во должина од 2,2 километри, со што првите 500 метри се асфалтираат сега, по што ќе се пристапи и кон тампонирање и асфалтирање и на останатите 1700 метри. Од Буџетот на Општина Штип за овие активности се издвоени околу четири милиони денари.

„Некаде околу четири милиони денари се одвоени за асфалтирање на првата фаза од овој патен правец во должина од 500 метри. По завршување на овие активности ќе продолжат активностите за тампонирање на останатиот дел од 1700 метри должина. Со тоа ќе се поврзат селата Почивало и Кошево. Очекува во наредните денови да се започне со работа и на втората фаза“ – вели Јорданов.

Дополнително во наредниот период ќе се работи и на патниот правец кој води до селото Калапетровци, со што се работи на поврзување на руралните средини и овозможување подобра инфраструктура.

„Освен селата Кошева Почивало, активностите кои ќе се превземаат се и да се истампонира и истрасира патнот правец кон селото Калапетровци. Со тоа придонесуваме до подобра поврзаноста на руралните средини во нашиот град“ – додава Јорданов.

И во новиот Буџет ќе има предвидено средства за поврзување на селата, како и за модернизирање на урбаните средини додаде Јорданов.

Лаура Стојанова Ќирчов, М-Нет