
Лицемерно е барањето на Јорданов до централната власт за отпис на долгот на ЈП „Исар3, констатираа денеска на прес-конференција од ОО на СДСМ Штип. Од таму велат дека ова е со цел Јорданов да го покрие личниот неуспех и неработење, потсетувајќи го дека Владата предводена од СДСМ уште во 2019 година дала предлог за Закон за отпис на камати на долгови на јавните претпријатија. Додаваат дека тогаш ВМРО – ДПМНЕ го блокирала овој закон со поднесување над 3000 амандмани.
„Кога беа мали изгледите на Јорданов да биде градоначалник, тој правеше сѐ што може за да го отежни функционирањето на Општина Штип и нејзините институции. Тогашните штипски пратеници од редовите на ДПМНЕ свесно го блокираа овој, но и многу други закони во интерес на државата. Ако ДПМНЕ немаа деструктивни побуди, каматите веќе ќе беа отпишани, а претпријатието ќе беше значително постабилно на финансиски план. Истите оние кои ги задолжија граѓаните и кои блокираа закони, денес бараат алиби за да си ги прикријат неспособноста, неработењето и немањето визија. Сега Јорданов на сопствена кожа ги чувствува последиците од деструктивните политики на неговата ДПМНЕ. Наместо да бара изговори и да ја префрла вината за сопствените неуспеси, редно е Јорданов да започне да ги реализира барем еден од многуте ветени проекти, а не само да цимоли и да бара начини да ги задолжува граѓаните со милионски суми, кои ќе ги плаќаат идните генерации.“ – велат до СДСМ.
Јорданов, пак, упати повик до Министерството за внатрешни работи и Јавното обвинителство да отворат предмет и да постапат согласно со Кривичниот законик во однос на неплаќањето на кредитот и доспевањето камата.
„Ги повикувам МВР и Јавно обвинителство да покренат истрага и да отворат предмет за неплаќањето на кредитот на ЈП Исар и доспевање на камата, која го надминува главниот долг за 220%! Ги повикувам наведените институции да постапат согласно член 353 од Кривичниот законик и здружено да побараме одговорност за непочитување на начелата за ефикасност при управување со јавните пари! Неодговорното работење на функционерите во ЈП Исар во изминатиов период, денес го плаќаат граѓаните и наместо да имаат унапредување на локалната инфраструктура, плаќаат долгови од неодговорното раководење на јавното претпријатие.“ – стои во писменото соопштение од Општина Штип.
Ребека Спасова М-Нет