Саса и Осогово се спасија, Победа во бараж, Тетекс и Караорман во Трета лига

ФОТО: Телевизија М Нет

Екипите од Истокот, Каменица Саса и Осогово на директен начин изборија опстанок во Втората лига за следната сезона. Саса на домашен терен со 5:3 славеше над Вардар Неготино, а пак Осогово со 3:0 забележа висока победа над веќе новиот прволигаш Пелистер.

Победа на Градскиот стадион „Гоце Делчев“ во Прилеп беше декласирана од шампионот Беса со 1:5, па така ланскиот прволигаш од Прилеп ќе игра бараж за опстанок во Втората лига, а пак Тетекс со 1:0 загуби на гостувањето кај Башкими во Куманово со што Тетекс заедно со Караорман се нови третолигаши, односно Тетекс ќе игра во Трета лига – Запад, а Караорман ќе игра во Трета лига – Југозапад.

Веќе ги имаме и сите екипи кои ќе играат баражи за влез од Трета во Втора лига. Куманово, Вардарски, Борец, Велазерими и Кораб се шампионите во Трета лига кои ќе играат бараж заедно со прилепска Победа.

Александар Ванев, М-Нет