Куманово е шампион во Трета лига – Север, Шкендија Арачиново заврши како втора

Во рамки на последното 26. коло од Третата македонска фудбалска лига – Север, екипата на Куманово со 0:3 славеше во Бутел над Башкими Љуботен и со тоа стана шампион во Трета лига – Север и ќе игра бараж за влез во Втората лига.

Шкендија Арачиново иако триумфираше во дербито со Фортуна, сепак останува на второто место со еден бод помалку од шампионот Куманово.

Претходно како што објави телевизија М Нет, шампиони во Третата лига се Борец на Југот, Вардарски на Истокот, Велазерими на Западот и Кораб на Југозападот. Ова значи дека овие пет екипи, како и прилепска Победа како второлигаш ќе играат во баражите за влез од Трета во Втора лига.

Прилепчани вчера загубија со 1:5 од Беса и ќе се борат да го сочуваат местото во Втората лига и за следната сезона, со цел да не дојдат до ситуација како Борец, кој во две сезони од Прва заврши во Трета лига – Југ.

Александар Ванев, М-Нет