Пристигна последниот документ за изградба на брана на р. Отиња – експропријацијата ќе се решава попатно

Од Општина Штип денес најавија дека се чека само еден документ до започнување на изградба на брана на река Отиња. Тоа е токму Одобрението за градење од страна на Министерството за транспорт и врски.

Градоначалникот на општината, Благој Бочварски, истакна дека во текот на изминатите денови пристигнало и позитивното мислење од Институтот за земјотресно инжинерство и инжинерска сеизмологија – ИЗИС, со што потребните документи се комплетирани.

Благој Бочварски – градоначалник на Општина Штип

-Денеска за само 2,5 години имаме завршен основен проект, со изработена ревизија, изработена студија за оцена на влијанието на животната средина, изработен, усвоен Детален урбанистички план за браната на р.Отиња. Сакам да ја информирам јавноста дека поминавме уште еден важен чекор во проектот брана, а тоа е последниот документ којшто го добивме пред неколку дена – позитивно мислење од Институтот за земјотресно инжинерство и инжинерска сеизмологија ИЗИС. Во моментот се чека и последниот чекор пред распишување на постапка за изградба на проектот брана на река Отиња, а тоа е одобрение за градење од страна на Министерството за транспорт и врски, кадешто според законските рокови, очекуваме во брз временски рок да добиеме одобрение за градење – истакна Бочварски.

Што се однесува до чекорите откако ќе се започне со изградбата на браната, тие ќе се однесуваат на обезбедување документи за експропријација на земјиштето.

-Во тие две, две и пол години ние имаме време да направиме целосна проценка и да влеземе со екпропријација на земјиштето, на сите оние кои имаат земјишта во езерото, практично во тој дел, така што додека се гради браната ние ќе работиме на експропријација на тие делови на целиот овој опфат. Но овој опфат којшто го имаме сега, во  овој момент е решен, целото земјиште беше на РМ, доделено на Општина Штип на седница на Влада и сега ние по тоа земјиште бараме одобрение и на тоа земјиште наскоро очекуваме отпочнување на градба на овој објект- рече Бочварски.

За реализирање на овој проект, кон кој, како што изјави Бочварски приоѓа со многу ентузијазам и желба, потребно е и одредено време.

Според експерти, до две и пол години.

-Според проектантите и ревидентите со кои имам разговарано за оваа тема, за изградбата на овој објект, колку време би траело, и со која динамика би се градел, нивните проценки се дека ова е проект кој ќе се гради од две до две ипол години, во зависност од тоа со каква динамика ќе се постави, во зависност од временските услови нормално и во зависност од тоа кој ќе биде изведувач и со каква динамика и капацитети ќе настапи на терен – додаде градоначалникот Бочварски.

Иако реализирањето на најголемиот капитален проект за Штип, според Бочварски – долгогодишна желба на граѓаните, но и реална потреба на градот, со секоја наредна година се пролонгира, граѓаните се трпеливи. Како и секоја година, така и оваа, стрпливо ќе очекуваат да се реализира се` што е предвидено – спортско-рекреативен центар, викенд населба, поврзување на населбите Суитлак и Блок 2000 – на кратко, развој на овој дел од градот.

Сето тоа на површина од 120 хектари.

Најавено е дека вредноста на оваа инвестиција ќе е во висина од 7.500.000 евра, кои Зоран Заев, додека беше премиер, вети дека ќе бидат обезбедени од државниот буџет.

БИЛЈАНА ПОСТОЛОВА / МНет