
Признание од страна на Федерацијата на планинарски спортови на Македонија добија Билјана Спаскова, Трајче Алексов, Тоше Ристов и Милорад Ангелов од Штипското планинарско друштво „Лисец“. Манифестацијата се одржа на Денот на кој се слават планините се случи на Плачковица, а ним им се додели признание за искачените три врва, два над 4.000 мнв и еден над 5.000 мнв. Билјана Спаскова во оваа прилика рече дека следната цел е 6.000 мнв.
„Фала многу! Мината година кога се искачив на Браитхорн и имавме некое интервју, јас реков дека по 4.000 следуваат 5.000. Го остваривме тоа и сега следуваат 6.000“, рече Спаскова.
Ангелов, пак, посочи дека нема поубаво нешто од тоа да добиеш признание на Денот на планините. Тој додава дека не верувал дека ќе стигне до овој момент кога пред 23 години почнал со планинарење.
„Навистина, голема чест е. Благодарам на Федерацијата, благодарам што оваа година направивме ваков импозантен собир, следната година се гледаме на некоја друга планина. Ви благодарам од срце за ова, ми значи многу. Фала на сите“, рече Ангелов.
Признанијата се за искачување на највисокиот врв на Турција, Аратат, со 5.137 мнв, врвот Браитхорн во Швајцарија со 4.164 мнв и највисокиот врв на Арменија, Арагац, со 4.091 мнв. Членовите на ДПС „Лисец“ го посочија и клубот како организација која инспирира, мотивира и верува во секој негов член, а со тоа си поставија уште повисоки цели пред себе.
Ребека Спасова М-Нет