
Со 90.000.000 денари од државниот Буџет ќе започне изградбата на спортската сала на местото на Спортскиот центар „Џексон“ во Штип. Финансиските средства се обезбедени со Амандман за прераспределба на буџетски средства, поднесен од пратеникот Никола Мицевски. Прераспределбата се врши од ставката Вложувања и други нефинансиски средства во потпрограмата Мерки за справување со КОВИД-19 и други антикризни мерки.
„Во текот на вчерашниот ден имаше седница на којашто беше точката за прераспределба на буџетски средства, оние коишто централната власт ги планирала, а не успеала да ги реализира. Затоа јас како пратеник од Штип поднесов Амандман за обезбедување на 90.000.000 денари или 1,5 милиони евра – средства коишто ќе бидат доволни за почеток, односно за некоја фаза од изградбата на спортска сала на местото на Спортскиот центар „Џексон““, истакна Мицевски.
Останатиот дел од финансиските средства треба да се обезбеди преку Буџетот на Општина Штип за 2024 година. Градоначалникот, Иван Јорданов, вели дека финансирањето е 50 – 50, што значи дека општинскиот Буџет треба да обезбеди средства речиси колку што се прераспределени од државниот Буџет. Мицевски подвлече дека средствата доаѓаат во период кога Штип е прогласен за Европски град на спортот.
„Се надевам дека ова ќе биде добра иницијална каписла за потоа Општина Штип и градоначалникот да дообезбедат средства со што ќе се реализира овој проект во интерес на спортот и спортистите во нашиот град. Секоја дополнителна спортска инфраструктура којашто ќе успееме да ја обезбедиме е дополнителен поттик за развој на нашиот град“, додава Мицевски.
Мицевски додаде дека со ваквиот ангажман се дава поддршка за спортот и спортистите во Штип и потребни се уште вакви заложби за Штип да ја оправда титулата Европски град на спортот.
Ребека Спасова М-Нет