Пресметка на Детонит Плачковица и Слога Виница во Радовиш, дерби на Скопје и Шкендија Арачиново во Автокоманда

Во сабота на програмата ќе бидат натпреварите од 3. коло на Втората македонска фудбалска лига, а кое коло носи неколку интересни фудбалски пресметки.

Во Радовиш ќе се судрат Детонит Плачковица и Слога Виница, ова ќе биде дуел на двата штипски тренери Горан Здравков и Емил Грнев, а пак интересно е тоа што речиси половина тим на Детонит Плачковица премина во редовите на Слога Виница, па многу поранешни играчи на тимот од Радовиш ќе заиграат против својот поранешен клуб.

Дефинитивно големата дерби пресметка ќе биде во Автокоманда, каде на стадионот „Железарница“ силите ќе ги одмерат Скопје и Шкендија Арачиново.

„Пиратите“ кои ги предводи Александар Таневски имаат триумф и пораз, а во сабота ќе сакаат да триумфираат со цел да обезбедат нови три бодови и прогрес на табелата.

„Очекуваме нормален натпревар како и сите други во второлигашка конкуренција, ќе се обидиме да се подготвиме за тој натпревар и да победиме“, рече Таневски за мечот со Шкендија Арачиново кој се игра во сабота.

Искусниот стратег Љупчо Марковски – Калц се враќа во Автокоманда, но овој пат како предводник на Шкендија Арачиново и практично ќе се соочи со својата поранешна екипа.

„Скопје го сметам за мој клуб, 25 години нема човек што поминал 25 години во еден клуб. Значи јас кога бев во Скопје, клубот го најдов во Трета лига во распаднат еден систем, успеавме да го донесеме до Прва лига да остане. Скопје силна екипа, мотивирана, носи засилувања нови ветрови таму, натпревар како и овој со Охрид да се игра фер да има убав фудбал за публиката и нека победи подобриот“, вели Марковски за мечо кој следува со Скопје.

Брегалница на домашен терен во Штип ќе го пречека тимот на Тетекс, во меч каде „сините“ ќе одат по прв триумф на домашен терен, откако ремизираа со Кожуф во првото коло пред верните навивачи. За „штофарите“ и реми ќе биде позитивен исход.

Беласица како апсолутен фаворит ќе оди на гостување кај новиот второлигаш Големо Коњари, разликата во квалитет е голема, па повеќе од јасно е дека трите бодови би требало да заминат во Струмица.

Понеизвесен натпревар ќе се одигра во Македонска Каменица каде ќе се соочат Каменица Саса и Кожуф, во меч каде „рударите“ ќе се борат за прва победа, откако во првите две кола ремизираше, а пак Кожуф кој одлично ја отвори сезоната ќе атакува на нови три бодови.

Новаци ќе бара триумф на домашен терен против Вардар Неготино, фаворитската улога ќе ја има домашниот тим е значително засилен и со нов спонзор, а пак за тимот од Неготино и реми ќе биде позитивен исход, а сигурно е дека Вардар ќе оди по три бодови.

Охрид ќе бара прва сезонска победа во третото коло против Осогово на домашен терен, „рибарите“ имаат реми и пораз, а пак „жетварите“ кои одлично тргнаа во новата сезона ќе целат кон освојување на бодови на „Билјанини Извори“.

Во Ресен прва сезонска победа ќе бараат Преспа и Победа, а пак домашниот тим кој е нов второлигаш ќе бара први бодови, но ќе атакува и постигнување на прв гол. Победа е „разнишана“ успеа да извлече бод во претходното коло, а сега ќе оди кон освојување на целиот „плен“.

Александар Ванев, М-Нет