Шкендија Арачиново преку пенали ја исфрли Саса во Купот – промовиран Арсим Љамалари во „црвено-црниот дрес“

Шкендија Арачиново е во осмифиналето од Купот на Македонија, откако славеше над Каменица Саса во пенал-серијата, бидејќи во регуларниот дел немаше победник двата второлигаши ремизираа играјќи 1:1.

Натпреварот кој се играше на стадионот на Башкими во Куманово, а кој го следевте на М Нет телевизија преку директен пренос донесе возбудувања до последниот судиски свиреж.

Шкендија Арачиново тргна со најдобрите во првиот тим, а пак Саса се одлучи да комбинира и настапи со играчи кои имаат помала минутажа, но и помлади играчи. Иако во ваква комбинација сепак „рударите“ беа одлични на терен и преку Спенџарски имаа една одлична шанса откако погоди статива, но одлично интервенираше и Баки Алиу. Тимот од Арачиново во самиот финиш на првиот дел доби и пенал, но Александар Ѓорѓиески не реализираше, а младиот голман Мартин Миленковски го прочита ударот и го одбрани пеналот.

Во вториот дел Каменица Саса дојде и до предност преку голот на Милош Спасовски, а Шкендија Арачиново остана со играч помалку на теренот откако Христијан Коцев заработи втор жолт картон, но и во такви околности не се осети разликата со тоа што Саса има играч повеќе на теренот.

Во самиот финиш на мечот искусни Бурхан Алији постигна гол за конечни 1:1, па мечот се решаваше во пенал-серијата каде подобра беше Шкендија Арачиново.

За продолжението од сезоната екипата на Шкендија Арачиново се засили со Арсим Љамалари, се работи за искусен стопер кој беше во Шкупи, но поради турболенции си замина. Во својата кариера новото засилување на Шкендија Арачиново има настапувано и за Еуромилк ГЛ, Скопје, Силекс, Беса од Добри Дол, како и за неколку турски екипи.

Во следното коло Шкендија Арачиново ќе игра против Скопје во дерби кое се игра во Автокоманда на стадионот „Железарница“.

Александар Ванев, М-Нет