
„Ако очувот лаже, ДУП-от не лаже“, „Не сме против катна гаража, ама не во нашиот двор“ – пораките до Општина Штип ги пренесе директорот на штипскиот Центар за култура, Горан Трајков, и посочи на извод од ГУП што покажува кој дел е во сопственост на националната институција, а кој на локалната самоуправа.
„Ова е Генералниот урбанистички план или извод од ГУП, којшто означува до каде се границите на нашата институција и до каде се ингеренциите на Општината. Од позадината, како што можеме да забележиме, се случува копање во делот на дворната површина на Домот на културата. Кој од геодетите и да го консултирате, ќе ви каже дека од лимената врата до предниот дел треба да имаме 10 метра одвоено и оставен влез за да можеме да функционираме. Ние не сме против катна гаража, но сме против таа да биде под 4 метри, бидејќи нема да можеме да работиме“, вели Трајков.
Трајков посочува оти градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ биле непријатели на културата, бидејќи само во период на нивното владеење културните установи биле оневозможени да работат. Иако два месеца немале настани, Трајков вели дека Општината овозможила пристап за „Макфест“ и тоа поради тоа што самата е организатор на Фестивалот.
„СЦ „Џексон“ кога се даде под концесија, задниот влез на Театарот се затвори, се бутнаа скалите, се бутна одморалиштето и ние немаме влез од таа страна. Тоа е во времето на градоначалникот, прим. д-р Илчо Захариев, а истото се случува пак кога е ВМРО-ДПМНЕ на власт. Јас само едно можам да претпоставам, дека тие се против културата и дека се непријатели на културата. Културата не е само моја, таа е на сите граѓани. Ова е втор месец како не одржуваме настани во Домот на културата“, додава Трајков.
Во изминатиов период се комуницираше со Општина Штип и градоначалникот, Трајков вели дека за проблемот веќе е известено и Министерството, а вклучени се и Судот и полицијата. Од Кабинетот на Градоначалникот останаа на ставот дека ова е партиска опструкција.
„Нема да дозволиме едно лице со сомнителни морални вредности, кое по партиски налог има за цел да попречува развој на градот, да ја опструира изградбата на катната гаража.“ – одговорија од Кабинетот на Градоначалникот.
Ребека Спасова М-Нет